ПРВ.мк
Македонија

НОВИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА НА ГРАЃАНИТЕ: Владата со нови правила за брзите кредити

НОВИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА НА ГРАЃАНИТЕ: Владата со нови правила за брзите кредити

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиските друштва со кои треба да се воведат построги правила и поголема контрола врз работењето на компаниите што одобруваат брзи кредити.

Една од најзначајните новини е што исплатата на кредити повеќе нема да може да се врши во готовина. Наместо тоа, средствата ќе се префрлаат исклучиво на банкарска сметка на корисникот.

Со законските измени се предвидува и формирање задолжителни внатрешни тела во финансиските друштва, како одбори за ревизија и управување со кредитен ризик, како и воведување построги услови за отворање нови деловни единици.

Дополнително, ќе се зголеми и минималната основна главнина што финансиските друштва треба да ја поседуваат за да работат на пазарот.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека потребата од овие измени произлегува од спроведените контроли, при кои биле утврдени слабости и неправилности во работењето на дел од финансиските друштва.

Во одредени случаи биле преземени и конкретни мерки, меѓу кои и одземање лиценци за работа.

Целта на новите законски решенија е да се обезбеди поголема заштита на граѓаните, повисоко ниво на транспарентност и зајакната супервизија во финансискиот сектор.