ПРВ.мк
Македонија

МВР ги повикува на распит сите осомничени за бруталното тепање на девојчето во Аеродром

МВР ги повикува на распит сите осомничени за бруталното тепање на девојчето во Аеродром

Полицијата започна со повикување на распит на сите лица кои се поврзуваат со случајот на бруталното меѓуврсничко насилство врз девојче во скопската населба Аеродром. Според информации од Министерството за внатрешни работи, покрај девојките кои директно учествувале во нападот, на разговор се повикуваат и момчињата кои биле присутни, навивале и го снимале целиот настан со мобилни телефони.

Од МВР информираат дека СВР Скопје презема интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на идентитетот и одговорноста на сите инволвирани лица. Во меѓувреме, со жртвата веќе е извршен службен разговор во присуство на родител, а за случајот е известен и надлежен јавен обвинител.

Според досегашните информации, девојчето било физички нападнато од врсничка – удирано со шлаканици, кубено за коса, навредувано и понижувано, а во еден момент било принудено да клекне на колена и да се извини. Целиот инцидент бил сниман од група малолетници кои го охрабрувале насилството.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста откако снимките се проширија на социјалните мрежи и беа објавени во медиумите. Во меѓувреме, полицијата продолжува со истрагата, а по целосното документирање на настанот ќе биде утврдено дали и против кого ќе бидат поднесени соодветни пријави.