Од јули пациентите ќе имаат пристап до нови лекови преку позитивната листа, откако Фондот за здравствено осигурување најави вклучување на антикоагулантните терапии Клексан, Фраксипарин и други лекови од оваа група.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, информираше дека со оваа мерка ќе се олесни пристапот до терапиите кои досега за многу пациенти претставуваа значителен финансиски товар.
Овие лекови се користат за спречување на згрутчување на крвта кај пациенти кои закрепнуваат по хируршки интервенции, лица со кардиоваскуларни заболувања и кај пациенти со зголемен ризик од тромбоза.
Клековски нагласи дека Клексан кај бремените жени не треба да се препишува рутински, туку исклучиво врз основа на јасни медицински индикации. Според него, потребно е дополнително да се прецизираат критериумите според кои одредени бремености се класифицираат како ризични.
Во наредниот период Фондот ќе спроведе консултации со стручната јавност за утврдување на појасни стандарди за препишување на оваа терапија, а ќе продолжи и со засилен надзор врз потрошувачката на лекови што се издаваат на рецепт.
Со проширувањето на позитивната листа, голем број осигуреници ќе можат да ги добиваат овие лекови без дополнителен финансиски товар.







