Апликацијата „МојДДВ“ веќе трет ден има проблеми во функционирањето, поради што голем број граѓани не можат да ги скенираат своите фискални сметки и да остварат поврат на ДДВ.
Корисниците се жалат дека при обид за користење на апликацијата постојано се појавува порака дека нема поврзување со серверите на Управата за јавни приходи, што предизвикува незадоволство и загриженост кај граѓаните.
Ова не е првпат апликацијата да се соочува со технички проблеми. Во текот на изминатата година беа забележани повеќе прекини во работата, како и доцнења во исплатата на средствата од повратот на ДДВ.
Од УЈП велат дека причината за актуелниот проблем е техничка природа, но засега не се соопштуваат дополнителни детали ниту рок кога системот ќе биде целосно нормализиран.
Во јавноста се појавија и различни шпекулации, а дел од граѓаните преку социјалните мрежи коментираат дека честите проблеми и доцнењата можеби се поврзани со финансиската состојба на државата. Сепак, за ваквите тврдења нема официјална потврда.
Иако претходно од раководството на УЈП беше посочено дека мерката не ги дала очекуваните резултати, засега нема најави за нејзино укинување. Граѓаните очекуваат проблемот да биде решен што е можно побрзо за да можат повторно непречено да ги користат услугите на апликацијата.










