ПРВ.мк
Македонија

Владата тргнува во акција – под лупа ќе бидат стотици производи во маркетите

Владата тргнува во акција – под лупа ќе бидат стотици производи во маркетите

Цените на основните прехранбени производи остануваат еден од главните приоритети на Владата, а премиерот Христијан Мицкоски најави детална анализа на производите и нивните цени, со цел да се утврди каде настануваат поскапувањата.

Тој изјави дека лично работи на анализа на околу 600 до 700 производи кои се дел од статистичката потрошувачка кошничка и дека, доколку биде потребно, ќе се проверува секоја фактура поединечно.

Според Мицкоски, последните податоци на „Евростат“ покажуваат дека основната потрошувачка кошничка во Македонија е најевтина во Европа и изнесува околу 49,7 проценти од европскиот просек. Сепак, нагласи дека тоа не значи дека нема простор за дополнително намалување на цените.

Минатата недела Владата одржа средби со претставници на најголемите синџири маркети, а најавени се разговори и со производителите и дистрибутерите. Целта е годишната стапка на раст на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под три проценти.

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат ќе спроведе споредбена анализа на набавните и продажните цени на производите, за да се утврди кои фактори влијаат врз нивното поскапување и да се предложат соодветни мерки.