Од денеска, од 13 часот, машинскиот извршен персонал стапи во бојкот, што значи дека вработените ќе доаѓаат на работа, но нема да ги извршуваат своите работни обврски. Како резултат на тоа, патничкиот железнички сообраќај е во прекин – возот за Битола не замина, а според најавите, нема да замине ниту возот за Гевгелија.
Според Синдикатот на машиновозачи, бојкотот може да потрае бидејќи менаџерскиот тим на претпријатието нема слух за нивните барања. Очекуваат менаџментот да ги повика на средба за да разговараат за нивните 15 поднесени барања, кои првично беа доставени на 2 октомври. Одговорот на менаџерскиот тим дојде дури на 28 ноември, со образложение дека претпријатието се наоѓа во тешка финансиска состојба и нема доволно средства за исполнување на барањата.
Меѓу барањата се: исплата на прекувремените часови, бонус плата за оние кои направиле над 150 прекувремени часови, покачување на коефициентот за 0,80 поради зголемени животни трошоци, како и исплата на 10% од платата за вонредно повикување на работа. Димовски истакна дека дел од барањата се однесуваат на сите 603 вработени, а дел на машиновозачите – вкупно 46 активни машиновозачи и околу 30 помошници.
Случувањата ја парализираат железничката инфраструктура и создаваат големо внимание кај јавноста, бидејќи не се знае колку долго бојкотот ќе трае и како ќе се реши конфликтот меѓу персоналот и менаџментот на претпријатието.

















