ПРВ.мк
Скопје

ГОЛЕМА ВЕСТ ЗА СТУДЕНТИТЕ: ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ ДОБИ БЕСПЛАТЕН WI-FI

ГОЛЕМА ВЕСТ ЗА СТУДЕНТИТЕ: ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ ДОБИ БЕСПЛАТЕН WI-FI
Kristal

Во дел од внатрешноста на Филозофскиот факултет во Скопје официјално е активирана првата зона со бесплатен безжичен интернет, финансирана од Министерството за дигитална трансформација. За оваа иницијатива биле издвоени 10 милиони денари, а планот е во наредниот период интернет конекција да добијат и сите предавални, амфитеатри, библиотеки и професорски кабинети.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска го посети факултетот и заедно со деканот проф. д-р Оливер Бакрески ја презентираа новата функционална интернет зона. Во рамките на посетата беше потпишан и Меморандум за соработка, како потврда за континуирана поддршка и развој.

Андоновски истакна дека ова е прв проект од ваков тип целосно финансиран од министерството.

Според него, плановите опфаќаат поставување бесплатни интернет точки и во студентските домови и на други факултети, особено таму каде што има најголема концентрација на студенти и академски кадар. Целта, како што нагласи, е постепено да се елиминира дигиталниот јаз меѓу студентите и да се обезбеди дигитална инфраструктура што одговара на современото образование.

Министерот се осврна и на проектот за ваучери за студентски електронски уреди, укажувајќи дека заедно со бесплатниот интернет создава услови студентите да учат, истражуваат и работат со еднакви можности.

Тој додаде дека првично било планирано да се почне од студентските домови, но таму веќе постоел бесплатен интернет, па приоритет биле факултетите каде инфраструктурата недостасува. Беше нагласено и дека иако дел од факултетите имаат обврска сами да обезбедат безжичен интернет, многу од нив не се во финансиска можност, па затоа државната поддршка е неопходна.

На прашање од медиумите за тоа како оваа мерка се вклопува во современите трендови, како промовирањето асистент со вештачка интелигенција на Универзитетот „Мајка Тереза“ и појавата на виртуелен министер во Албанија, Андоновски оцени дека ваквите проекти се позитивни, но дел од нив се повеќе маркетинг отколку реална функционалност.

Деканот Оливер Бакрески се заблагодари за поддршката и истакна дека новата интернет зона доаѓа во значаен момент, особено во пресрет на големиот јубилеј – 105 години од основањето на Филозофскиот факултет.

FixCredit
Atensa 300
Escape