Новите гасоводи што се градат во моментов, вклучувајќи го македонскиот интерконектор со Грција и планираните проекти за наредната година, ќе ја зголемат потрошувачката на гас и ќе донесат уште поголема зависност од увоз. Развојот на гасната инфраструктура има силна институционална поддршка од Европската унија и САД, како и од меѓународни финансиски институции, вклучувајќи ја Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кои инвестираат во регионалната гасна мрежа.
Американски течен природен гас ќе тече низ гасоводот „Јужна интерконекција“, како и низ македонскиот интерконектор со Грција, кој за две години ќе се снабдува од терминалот „Александропули“.
Новите гасоводи носат предизвици за регионот: зголемени емисии на јаглерод диоксид, ценовна нестабилност и енергетска несигурност. Во последниве години, земјите од Западен Балкан ја насочуваа енергијата кон развој на зелена енергија преку сончеви и ветровни централи, но недоволната гасоводна мрежа ги остави зависни од увоз на фосилни горива.
Македонскиот интерконектор и американскиот мегапроект
Македонија активно гради гасен интерконектор со Грција, должина 66,7 километри, кој ќе обезбедува 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност за зголемување до 3 милијарди кубни метри. Проектот треба да биде целосно оперативен во текот на 2027 година, а инвестицијата изнесува околу 60 милиони евра, обезбедени преку кредити и грант од ЕИБ, ЕБОР и ИПА-инструментот на ЕУ.
Во исто време, САД креираат нова енергетска карта на регионот преку „Јужна интерконекција“, која ќе се гради од 2026 година, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина и Хрватска. Проектот долг 243 километри и со вредност од околу 270 милиони евра ќе овозможи проток на американски ЛНГ во БиХ преку Хрватска.
Регионално поврзување и иднина на енергетиката
Интерконекторите ќе овозможат снабдување со гас кон Косово и Србија, со поддршка од Европската комисија и во рамките на Акцискиот план на ЕУСАИР (Јадранско-Јонска стратегија за регионално поврзување). Македонија и Србија веќе имаат оперативни гасни централи, но додека Србија сè уште увезува 90% од својот гас од Русија, Македонија се насочува кон интерконекторот и изградба на когенеративни гасни централи, со инвестиција од една милијарда евра, во соработка со турската компанија „Казанџи груп“.
Терминалот „Александропули“ во Грција, во кој една четвртина од капацитетот го закупи американската компанија „Венчр глобал ЛНГ“, веќе снабдува течен гас за Украина, преку вертикален коридор што поврзува Грција, Романија, Молдавија и Украина. Од 2027 година, преку истиот терминал, Македонија и Србија ќе се приклучат на снабдувањето со американски ЛНГ.
Проектите се поздравени од амбасадорката на САД, Анџела Агелер, која ги оцени како стратешка инвестиција за енергетска безбедност, економски развој и регионален суверенитет.

















