Повеќе локации низ Македонија во текот на денот беа зафатени од пожари, при што дел од нив сè уште се активни, а дел веќе се ставени под контрола или изгаснати, соопштуваат надлежните служби.
На територијата на Куманово, пожар избувна во населбата Перо Чичо, каде што гори депонија и ниска вегетација. Дополнително, огнена стихија е забележана и во населбите Бедеиње и во селото Режановце, каде што се зафатени ниска вегетација и садници, што го отежнува гаснењето поради брзото ширење на огнот.
Активен е и пожарот на депонијата во Пехчево, каде што гори отпаден материјал, како и пожарот помеѓу селата Тркање и Бање во општина Чешиново-Облешево, каде што пламените јазици зафатиле ниска вегетација. Во близина на Злетовска Брана во општина Пробиштип исто така е регистриран активен пожар.
Во меѓувреме, под контрола е ставен пожарот кај селото Дворци во општина Пласница, каде што претходно гореше депонија, а интервенирањето на противпожарните екипи спречило негово понатамошно ширење.
Во текот на денот се евидентирани и целосно изгаснати пожари во неколку општини, меѓу кои Валандово, Инџиково, Старо Нагоричане, Врапчиште, Свети Николе и Дебар, со што е спречена поголема материјална штета и проширување на огнените линии.
Надлежните служби продолжуваат со мониторинг на теренот и апелираат на зголемена внимателност поради ризик од нови пожари поради високите температури и сувата вегетација.









