Осудениот за тешката автобуска трагедија кај Ласкарци, Ремзи Мифтари, веќе четврти ден е недостапен за полицијата, иако има правосилна 10-годишна затворска казна и издадена наредба за присилно спроведување во KPУ „Идризово“. Случајот отвора сериозни сомнежи околу можните обиди за бегство или намерно сокривање, а институциите засега не успеваат да го лоцираат.
Според информациите, СВР Тетово потврдува дека уште пред четири дена ја примиле судската наредба од Основниот суд во Гостивар, но Мифтари не бил најден ниту во својот дом, ниту на алтернативни адреси за кои постоеле оперативни сознанија. Полицијата интензивира активности за пребарување, но моментално – без резултат.
Ситуацијата станува уште поосетлива по сознанието дека Мифтари веќе еднаш ја пролонгираше издржувањето на казната. Тој приложи лекарска документација за наводна потреба од операција на кила на тестисите, што му донесе одложување. Но ова уверение истече, а тој не се јави доброволно во затворот, ниту пак беше пронајден по истекот на рокот.
Судот му испратил официјална покана за започнување на казната. Откако тој не се појавил, затворот ја известил судската власт, по што започнала постапка за присилно приведување. Истовремено, граничната полиција добила наредба за забрана на негово излегување од државата. Досегашните проверки покажуваат дека Мифтари нема регистриран премин на ниту една гранична точка – што упатува дека веројатно се крие во земјата.
Ремзи Мифтари, одговорен за организацијата на превозот во „Дурмо турс“, заедно со сопственикот Дурмиш Белули, беше правосилно осуден на по 10 години затвор за трагедијата што се случи кај Ласкарци. Неисправниот и технички нерегуларен автобус полн со патници излета од коловозот, при што загинаа 16 лица, а околу 30 добија повреди, дел од нив со трајни последици.
Засега, останува отворено прашањето – како е можно лице со правосилна казна, за еден од најтешките случаи во поновата историја, да исчезне токму во моментот кога треба да биде спроведено во затвор. Институциите најавуваат дека потрагата продолжува со зголемен интензитет.
















