ПРВ.мк
Македонија

Скриени лекови на природата, изворот што исцелува - еве што лекува

Скриени лекови на природата, изворот што исцелува - еве што лекува
Kristal

На само дванаесет километри од Скопје, селото Раштак се крие како вистински природен бисер во Скопска Црна Гора. Во сенката на старите храстови и покрај тивките планински патеки тече изворот „Тополче“, за кој мештаните веруваат дека носи лек за очите, мир на душата и благослов за секој што ќе пристапи со вера.

Жителите велат дека изворот тече „од памтивек“ и и покрај тоа што човекот и природата го менувале просторот околу него, водата секогаш си го наоѓала својот пат. Староседелецот Никола Иванов раскажува дека кога се градеше новиот пат, водата привремено пресекла, но подоцна изворот повторно се појавил, по што била направена цевка и потпорен ѕид за да тече непречено.

Според локалната традиција, лековитата моќ на водата потекнува од три светци: Свети Спас, Света Петка и Света Богородица. Мештаните тврдат дека оние кои ја пробале водата, особено за проблеми со видот, искусиле излекување, иако бројот на излекувани никогаш не се бележел.

На денот на Успение на Пресвета Богородица, 28 август, кај изворот се собираат жители и верници за да ја почитуваат заштитничката на ова свето место. Легендата поврзана со видението на чичко Никола пред повеќе од 50 години додава уште повеќе духовна вредност: по клиничка смрт, во сон му се јавила Мајката Божја и му го укажала изворот во Раштак како лековит.

По тоа видение, започнало уредувањето на чешмата и создавањето на малата духовна црквичка која денес го опкружува изворот. Прекрасната природа, зеленилото и тивката атмосфера го прават Раштак вистински духовен магнет за посетители и туристи од целиот регион.

Escape