Во последниот период се забележува значително зголемување на бројот на деца со респираторни инфекции, особено во Детската болница Козле, каде дневно се вршат и по стотина прегледи. Најчести симптоми кај децата се покачена температура и отежнато дишење, а најмногу погодени се претшколските и школските деца.
Д-р Љуљета Мустафа Рамадани од Детската болница Козле посочи дека бројот на хоспитализации исто така расте:
„Имаме и зголемен број на хоспитализации. Тие што имаат потреба, прво им ординираме антибиотска терапија за дома доколку се работи за бактериска инфекција, додека оние што имаат потреба од хоспитализација и кислород ги примаме во болница. Во моментот, во нашата болница се хоспитализирани шеесетина пациенти.“
Лекарите предупредуваат дека загадениот воздух дополнително го влошува здравјето на дишните патишта кај децата, а есента е особено критична за децата со астма и алергии, кај кои можат да се појават компликации.
„Сега веќе и алергиите и астмите се активни – есента е карактеристична за тие пациенти. Тие што имаат астма треба по препорака редовно да ја примаат својата терапија за да не дојде до влошување,“ истакна д-р Мустафа Рамадани.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, за една недела регистрирани се 117 случаи на грип и слични респираторни заболувања, при што најмногу заболени има во региите Гостивар, Куманово и Тетово.
















