Здружението на градежни инспектори на Република Северна Македонија остро ги демантира медиумските објави кои наводно ги поврзуваат кочанските градежни инспектори со пожарот во дискотеката „Пулс“. Во соопштението се нагласува дека градежните инспектори немаат надлежност за противпожарна, техничка или функционална безбедност на угостителски објекти.
Според здружението, обвинувањата за неисправни вентилатори, нефункционални хидранти, запечатени прозорци и други безбедносни недостатоци не се во нивна надлежност. Контролата на овие прашања е задача на други институции:
- Државниот пазарен инспекторат – безбедност на гости и работници, контрола на угостителска дејност.
- Инспекторатот за труд – безбедност при работа.
- МВР – пожарна служба – противпожарни системи и заштита.
- УЈП и општината – регистрирање на дејност и надзор на работно време.
Градежниот инспектор, како што се истакнува во соопштението, е надлежен само за пренамена на простор од станбен во деловен или обратно и нема право да врши редовен надзор без писмен налог или претставка, што во случајот со „Пулс“ не било поднесено. Сите активности во објектот од 2024 година биле внатрешни, не засегале носиви елементи и не барале дозвола за градење.
Здружението дополнително истакнува дека трагедијата е резултат на пожар предизвикан од пиротехнички средства, а не од градежни недостатоци или активности, и апелира до медиумите да се консултираат со стручни лица пред да изнесуваат неточни информации кои може да ги доведат јавноста во заблуда.
















