Во светот е регистриран прв случај на човек заразен со вирусот на птичји грип H5N5, објави ABC News. Жртвата била постара личност со претходни здравствени проблеми, хоспитализирана од почетокот на ноември во округот Кинг. Исто така, се наведува дека лицето имало јато домашни птици во својот двор.
Тестирањето во Клиничката вирусолошка лабораторија на Универзитетот во Вашингтон го идентификувало вирусот како H5N5, а резултатите се потврдени од Центрите за контрола и превенција на болести (CDC).
Здравствените власти истакнуваат дека ризикот за ширење на вирусот останува низок и дека засега нема други потврдени случаи поврзани со овој пациент. Службите продолжуваат да ги следат сите кои имале близок контакт со заразеното лице за да се исклучи можноста за пренесување од човек на човек.
Министерството за здравство дополнително потенцира: „Нема докази дека вирусот H5N5 може да се пренесува од човек на човек“.
















