Мажот за кого неговата ќерка јавно побара помош преку видео објава на Инстаграм, барајќи институциите итно да реагираат и да обезбедат негово психијатриско лекување, денеска е транспортиран од кумановската болница во психијатриската установа во Демир Хисар, каде ќе биде хоспитализиран, дознава „Слободен печат“ од доброупатени извори.
Според информациите, транспортот ќе биде извршен со полициска придружба, медицинска сестра и возило на болницата.
Случајот привлече големо внимание откако неговата ќерка преку социјалните мрежи упати јавен апел, посочувајќи дека семејството подолго време се соочувало со сериозни проблеми поради неговото агресивно однесување и зависност од алкохол.
Според нејзиното сведоштво, семејството претходно се обидувало да обезбеди хоспитализација и соодветен третман, но добивале одговор дека нема слободни места во психијатриските установи. Таа тврдела и дека во одредени моменти имало сериозни закани кон членовите на семејството.
По објавувањето на видеото и медиумската реакција, според неофицијални информации, било овозможено негово згрижување во психијатриската установа во Демир Хисар.
Случајот повторно ги отвори прашањата за капацитетите на системот за психијатриска грижа, особено за пациентите со долготрајни проблеми и нивните семејства кои бараат навремена институционална помош.
Одредени случаи во јавноста покажуваат дека семејствата често се соочуваат со долги процедури и недостиг на места, а реакцијата на институциите понекогаш доаѓа дури по јавен притисок и медиумска експонираност.









