Македонија и Турција ќе добијат нови транспортни врски откако беа постигнати договори за воспоставување директна авиолинија меѓу Анкара и Скопје, како и за карго железничко поврзување меѓу двете земји.
Веста ја соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, по средбите со турскиот министер за трговија Омер Болат и министерот за транспорт Абдулкадир Уралоглу.
Информацијата ја потврди и министерот за трговија на Турција преку објава на социјалната мрежа Икс, каде истакна дека двете држави се согласиле дополнително да ја продлабочат соработката во областа на транспортот, логистиката, цивилното воздухопловство и железничкиот сообраќај.
Според Болат, директните летови на турската авиокомпанија „AJet“ на релација Анкара–Скопје, како и соработката меѓу турските железници TCDD и МЖ Инфраструктура, ќе придонесат за поголема трговска размена, нови инвестиции и подобра поврзаност меѓу двете земји.
Турските власти нагласуваат дека остануваат посветени на заедничката цел билатералната трговска размена меѓу Македонија и Турција да достигне 2 милијарди долари.










