ПРВ.мк
Македонија

12 осомничени за лихварство и перење пари во денешната полициска акција! Еве ги деталите

12 осомничени за лихварство и перење пари во денешната полициска акција! Еве ги деталите

Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, единиците на МВР денеска извршија претреси на повеќе локации низ Скопје, по наредба на Основниот кривичен суд – Скопје. Акцијата следува по основано сомневање дека 12 лица се вмешани во сериозни кривични дела, меѓу кои лихварство и перење пари, како и други приходи стекнати на незаконски начин.

Обвинителот постапувајќи по кривичната пријава од МВР, издаде наредба за истражна постапка против 12 осомничени. Девет од нив се сомничат дека заеднички, како соизвршители или помагачи, извршиле лихварство и перење пари, додека тројца се осомничени само за перење пари и стекнување други противправни приходи.

Истражителите утврдија дека од почетокот на 2022 година, деветмината осомничени функционирале како организирана криминална група. Тие позајмувале пари на граѓани, искористувајќи ја нивната финансиска немаштија, со каматни стапки од 5% до 15% месечно, со дополнителни зголемувања при задоцнување на исплатата. Кога оштетените не можеле да ги вратат средствата, осомничените барале имот во замена, кој потоа бил пренесуван на нивно име. Наплатата се вршела директно или преку банкарски трансакции.

Паричните средства добиени на овој начин биле делумно внесувани на сметки во банки, а дел се чувале во сефови, со што се создавал привид на легално стекнат приход. Врз основа на истражните податоци, постои основано сомневање дека 12-те осомничени и едно осомничено правно лице се стекнале со противправна имотна корист од 125.033.527 денари, добиена преку лихварство. Дел од парите се пренесувале на сметки на правни и физички лица за да изгледаат легални, дел се користеле за лични потреби, купување недвижен и движен имот, а дел биле подигнати во готовина.

Јавниот обвинител ќе достави до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје предлози за обезбедување присуство на осомничените во текот на утрешниот ден.

Не дознавај последен- читај ПРВ.мк

Escape