Во септември 2025 година, Македонија ја посетиле вкупно 132.999 туристи, кои заедно оствариле 262.686 ноќевања, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Од вкупниот број посетители, 24,6% се домашни, а 75,4% странски туристи. Странците, очигледно, доминираат во македонскиот туризам, со тоа што оствариле 68,2% од сите ноќевања, додека домашните туристи учествувале со 31,8%.
Најмногубројни меѓу странските гости се Турците (32.950), веднаш зад нив се Србите (8.830), а потоа следуваат Германците (6.615) и Полјаците (3.577).
Трендот на зголемен интерес од странство е очигледен – во периодот јануари–септември 2025, бројот на туристи во земјава пораснал за 5,8% во споредба со истиот период минатата година. Додека кај домашните туристи е забележано мало намалување од 1,4%, бројот на странски посетители скокнал за 9,6%.
Овие бројки покажуваат дека Македонија сè повеќе се наметнува како атрактивна туристичка дестинација за гостите од регионот и Европа, а посебно за пазарите на Турција и Србија, кои остануваат најлојални посетители на нашите туристички центри.















