Од почетокот на годинава до септември во Македонија шест лица трагично загинале на своите работни места. Податоците покажуваат дека несреќите при работа и понатаму претставуваат сериозен проблем, особено во секторите градежништво, земјоделство, транспорт и преработувачка индустрија.
Овие загрижувачки бројки беа презентирани на почетокот на тригодишниот проект „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, кој го поддржуваат Европската Унија и Меѓународната организација на трудот (МОТ). Целта на проектот е создавање систем кој ќе превенира, а не само ќе реагира по настанот.
Директорот на Државниот инспекторат за труд, Гани Маскути, посочи дека бројот на жртви годинава е помал во споредба со лани, кога животот го загубиле 13 работници. Сепак, бројот на повреди на работа останува висок.
Вицепремиерот Љупчо Димовски нагласи дека безбедноста и здравјето при работа се основни човекови права и индикатор за зрелоста на една држава. „Мораме да работиме на системска надградба – состојбата не е на нивото што го посакуваме,“ изјави тој.
Министерот за труд и социјална политика Бесар Дурмиши истакна дека е потребен систем кој ќе предвидува и спречува несреќи, а не само ќе реагира по нив. „Законите сами по себе не се доволни – потребна е институционална инфраструктура, инспекциски служби и континуирана обука,“ додаде тој.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, побара институциите да започнат од себе со ревидирање на процедурите за процена на ризици, нагласувајќи дека проектот мора да создаде одржлив систем, а не да остане само на хартија.
Според Јасмина Чалоска, претседателка на Советот за безбедност и здравје при работа, во земјава се бележи стагнација на повеќе процеси – законот за безбедност и здравје се подготвува повеќе од пет години, а стручен испит за кадри не е организиран речиси половина деценија, што создава дефицит на професионален кадар. Таа апелираше новата стратегија за безбедност и здравје при работа да се донесе „час поскоро“.
Советникот во Делегацијата на ЕУ, Александру Албу, изјави дека проектот претставува чекор кон усогласување со европските стандарди, бидејќи инвестициите во здравјето на работниците носат поголема продуктивност и конкурентност.
Проектот на МОТ и ЕУ предвидува изработка на Национална стратегија за безбедност и здравје при работа 2026–2030, модернизација и дигитализација на инспекцискиот систем, креирање ИТ-систем за евиденција на повреди и заболувања, како и интеграција на безбедноста и здравјето во образовниот процес.
















