ПРВ.мк
Македонија

Милионски тендери, празни болници – што навистина се случува во Македонското здравство?

Милионски тендери, празни болници – што навистина се случува во Македонското здравство?
Kristal

Во последната деценија, вредноста на тендерите во македонскиот здравствен систем бележи драматичен раст — од 126 милиони евра во 2015 година на неверојатни 315 милиони евра денес. Но, овој пораст не е проследен со подобрување на здравствените услуги, туку напротив – податоците покажуваат сериозен пад во бројот на пациенти, прегледи и болнички денови.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, кое ги анализира јавните набавки во здравството во последните десет години, открива дека зголемувањето на вредноста на тендерите не може да се објасни со инфлација, бидејќи цените на лековите се под контрола на државните институции.

Сабина Факиќ од Центарот изјави: „Констатиравме огромен јаз помеѓу вредноста на јавните набавки и опаѓањето на здравствените услуги. За десет години бројот на болнички случаи е намален за 14 проценти, болничките денови за 24 проценти, а специјалистичките прегледи на 55 клиники и болници за 19 проценти. Имаме постојан пад на услугите, а во исто време двојно и пол зголемување на вредноста на тендерите.“

Особено алармантен е податокот дека во најголем дел од јавните набавки учествува само една компанија, што, според невладиниот сектор, покажува дека конкуренцијата речиси исчезнува, а процедурите се одвиваат во затворен круг.

Минатата година, на 3.373 јавни набавки во здравството, во просек учествувала само една фирма. Тоа, според Факиќ, е јасен сигнал дека дел од бизнис-секторот го губи интересот за натпреварување, бидејќи се смета дека победниците се познати уште пред почетокот на постапката.

„Просечниот број на понуди во здравството е под националниот просек. Над половина од вредноста на набавките, односно повеќе од 150 милиони евра годишно, се склучуваат со само една понуда. Кога имате само еден понудувач, особено при набавки на лекови, му овозможувате да ја постави максималната цена“, објаснува Факиќ.

Истражувањето го опфаќа периодот од 2015 до 2024 година и има за цел да утврди дали растот на тендерите резултирал со подобрување на здравствените услуги. Но, бројките укажуваат на спротивното – зголемувањето на вредноста на јавните набавки не донело подобра здравствена грижа, туку можно зголемување на корупциските ризици во системот.

Escape