Судењето за една од најтрагичните несреќи во поновата македонска историја — пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што загинаа 63 лица — влегува во клучна фаза. Во судницата ќе се соочат 15 јавни обвинители и 33 адвокати, кои ќе ги застапуваат обвинетите во предметот.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски потврди дека истрагата за полицајците осомничени за пропусти поврзани со функционирањето на дискотеката требало да биде завршена до крајот на септември, но е одложена поради „објективни околности“ и недостиг на неколку клучни сведоштва.
– Најверојатно на почетокот на наредниот месец ќе се донесе обвинителска одлука. Истрагата за полициските службеници е при крај, изјави Коцевски.
Паралелно се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи (УЈП), кои можеби имале улога во дозволите и контролните процеси околу работењето на дискотеката.
Во понеделникот, семејствата на загинатите млади најавија голем протест во Скопје за оваа сабота, барајќи правда и одговорност од институциите. Тие тврдат дека досегашните средби со властите не донеле резултати, туку само „празни ветувања“.
Коцевски нагласи дека Обвинителството е целосно подготвено за процесот:– Ќе го застапуваат истите обвинители како и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се нарушат другите тековни предмети. На секое рочиште ќе има доволно обвинители, за да не дојде до одложување по вина на Обвинителството, истакна тој.
Со тоа, бројот на обвинители кои ќе го застапуваат случајот може да достигне 15, додека одбраната ќе ја сочинуваат 33 адвокати.
Очекувањата се судскиот процес да биде сложен и долготраен, со голем број сведоци, експертизи и докази, со цел конечно да се расветли како и зошто дојде до трагедијата во која згаснаа десетици млади животи.















