Центарот за управување со кризи започна пилот-проект за поставување паметни камери кои ќе служат за рано откривање шумски пожари во најризичните подрачја во државата.
Камерите ќе работат непрекинато, 24 часа на ден, а нивниот сигнал ќе се следи од Оперативниот центар на ЦУК. Системот е дизајниран веднаш да препознае чад или пламен и автоматски да испрати известување до дежурните служби.
Според најавите, дел од камерите веќе се активни, а мрежата ќе се проширува до околу 50 уреди поставени на критични локации. Станува збор за камери со ротација од 360 степени, кои можат прецизно да се насочат кон местото каде што е забележана опасност.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, истакна дека воспоставувањето систем за рана детекција на пожари било еден од неговите главни приоритети. Тој нагласи дека навременото откривање е клучно за побрза реакција на службите и подобра координација на терен.
Од ЦУК оценуваат дека овој проект претставува важен чекор кон модернизација на системот за заштита од пожари. Со употреба на современа технологија, целта е да се заштитат шумите, имотот и животите на граѓаните, особено во периоди кога ризикот од пожари е зголемен.







