ПРВ.мк
Македонија

(ВИДЕО) Македонските власти ќе ја истражуваат ситуацијата во која патник за малку ќе паднел од авион - ова се сцени од летот!

(ВИДЕО) Македонските власти ќе ја истражуваат ситуацијата во која патник за малку ќе паднел од авион - ова се сцени од летот!

Инцидентот со авионот на компанијата „Рајанер“ кој летал од Солун кон Меминген, а при кој еден патник се најде во опасна ситуација поради оштетување на авионот, ќе го истражуваат македонските надлежни институции бидејќи настанот се случил во воздушниот простор на Северна Македонија.

Информацијата првично ја објави специјализираниот авијациски портал Аеро.рс, кој е дел од еден од најголемите медиуми во Србија, „Телеграф.рс“. Тие се повикуваат на објава на американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB), кој соопшти дека назначил свој акредитиран претставник кој ќе ѝ помогне на Северна Македонија во истрагата.

Иако авионот полетал од Грција и по инцидентот се вратил назад на аеродромот во Солун, според меѓународните правила на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО), истрагата ја води државата над чија територија се случил настанот.

Од NTSB преку социјалната мрежа „Х“ информирале:

„НТСБ назначи акредитиран претставник кој ќе ѝ помогне на Република Северна Македонија во истрагата за несреќата на летот на „Рајанер“ над Северна Македонија. Согласно меѓународните протоколи на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО), Анекс 13, сите информации за истрагата ќе бидат обезбедени од страна на Република Северна Македонија“.

Сепак, тоа не значи дека македонските институции ќе работат целосно сами. Според авијациските правила, во истражниот тим се очекува да учествуваат повеќе страни поврзани со авионот и инцидентот.

Во истрагата треба да бидат вклучени:

  • Северна Македонија, како држава над чиј воздушен простор се случил инцидентот;
  • Грција, бидејќи авионот се наоѓа на аеродромот во Солун каде ќе се вршат технички проверки и анализа на податоците од летот;
  • Малта, како држава на регистрација на авионот и држава поврзана со операторот;
  • САД, како држава каде е произведен авионот „Боинг 737“;
  • компанијата „Боинг“, преку свои технички експерти;
  • производителот на моторите „CFM International“.

Во меѓувреме, грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на извори од аеродромот во Солун, објави дека авионот имал проблем додека летал над Македонија, по што пилотите одлучиле да се вратат назад кон Солун.

Според информациите, при слетувањето се случило дополнително оштетување, при што дел од авионот предизвикал повреда на еден патник. Од друга страна, компанијата „Рајанер“ во своето официјално соопштение навела дека проблемот настанал откако се откачил дел од прозорец за време на летот.

На социјалните мрежи веќе се појавија фотографии и видеа од авионот по слетувањето, на кои се гледа оштетувањето на делови од леталото, како и состојбата во кабината по инцидентот.

Според информациите што ги пренесоа дел од македонските и српските медиуми, повредениот патник е српски државјанин. Според сведоштва на патници, во моментот кога дошло до оштетување на прозорецот, тој се нашол најблиску до местото каде што настанал проблемот.

Патници раскажале дека поради наглата промена на притисокот во кабината дошло до опасна ситуација, но дека човекот не испаднал од авионот бидејќи бил врзан со појас, а му помогнале и сопругата и други патници кои веднаш реагирале.

По инцидентот, патникот бил пренесен во болница во Солун, каде му била укажана медицинска помош.

Истражителите сега треба да утврдат што точно го предизвикало дефектот, дали станува збор за технички проблем, оштетување на дел од авионот или друга причина, како и дали сите безбедносни процедури биле правилно применети за време на летот.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА