ПРВ.мк
Магазин

ПОД МОРЕТО СЕ КРИЕ ОПАСНОСТ СТАРА ПОВЕЌЕ ОД 80 ГОДИНИ: Подморница од втората светска војна, не смее да остане на морското дно!

ПОД МОРЕТО СЕ КРИЕ ОПАСНОСТ СТАРА ПОВЕЌЕ ОД 80 ГОДИНИ: Подморница од втората светска војна, не смее да остане на морското дно!

На морското дно во близина на Норвешка лежи потоната германска подморница од Втората светска војна, но нејзините остатоци и денес претставуваат сериозна еколошка закана. Станува збор за нацистичката подморница „U-864“, во која се наоѓаат големи количества токсична жива.

Експертите проценуваат дека од потонатата подморница би можеле да истекуваат дури 67 тони жива, поради што норвешките власти веќе подолго време се соочуваат со дилемата како да го спречат загадувањето.

„U-864“ била германска подморница од типот IXD2. На 9 февруари 1945 година, во близина на островот Федје, била погодена од торпедо и потопена од британската подморница „HMS Venturer“.

Остатоците од германскиот брод повеќе од осум децении се наоѓаат на околу 149 метри длабочина. Со текот на времето, металната конструкција почнала да кородира, а старите резервоари во кои се наоѓа живата претставуваат сè поголем ризик за морската средина.

Поради зголемените барања подморницата да биде отстранета за да се заштитат морскиот екосистем и локалната рибарска индустрија, Норвешката управа за крајбрежје во јуни испрати роботско возило до местото на потонувањето. Целта била да се утврди во каква состојба се остатоците и колкав е ризикот од понатамошно загадување.

Резултатите од испитувањето предизвикале загриженост. Од 22 резервоари кои биле извадени за анализа, дури 80 проценти покажале активно испуштање жива во морското дно, пренесува Večernji.hr.

По добиените податоци, во најновиот извештај се препорачува остатоците од подморницата, како и просторот околу нив, да бидат прекриени со посебна заштитна обвивка. На тој начин би се ограничило понатамошното ширење на токсичниот материјал.

Сепак, идејата за извлекување на целата подморница носи сериозни ризици. Според официјалните проценки, нејзиниот труп е во лоша и кородирана состојба, па самото поместување би можело да предизвика оштетување на резервоарите.

Тоа, пак, би можело да доведе до нагло ослободување на поголема количина жива и дополнително загадување на морското дно.

Норвешката влада досега вложила повеќе од 400 милиони норвешки круни во различни истражувања и анализи поврзани со иднината на „U-864“. Според „Мирор“, властите во моментов ги разгледуваат резултатите од најновата проценка пред да донесат одлука за следните чекори.

Но, локалните активисти не се согласуваат со идејата едноставно да се остават остатоците на дното и да се покријат. Тие со години бараат подморницата целосно да биде отстранета, стравувајќи дека заштитната обвивка би можела да создаде нови проблеми.

Меѓу нивните предупредувања е и можноста при поставувањето на обвивката да дојде до оштетување на преостанатите резервоари со жива. Дополнителна загриженост предизвикуваат и германските торпеда за кои се верува дека сè уште се наоѓаат во остатоците од подморницата.

„U-864“ била на својата последна мисија кога британските разузнавачки служби успеале да ја откријат нејзината активност. Според достапните информации, германската подморница превезувала материјали наменети за Јапонија, кои требало да бидат искористени за развој и производство на напредни млазни ловци и ракети за одбрана на окупираните територии во Азија.

Британската подморница „HMS Venturer“ испукала четири торпеда кон „U-864“. Последното ја погодило германската подморница, при што загинале сите 73 членови на екипажот.

Потонувањето на „U-864“ има и посебно место во историјата на поморските борби. Според „Мирор“, тоа е единствениот познат случај од Втората светска војна во кој една подморница успеала да потопи друга подморница додека и самата се наоѓала под вода. Во останатите случаи од тој период, подморниците биле погодени додека биле на површината.