На продолжението на судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, постапката повторно започна од почеток. Причината е промената во судскиот совет, откако двајца поротници поради приватни причини повеќе не можат да учествуваат во судењето.
По промената на составот на Советот, процесот продолжи со повторно изведување на доказите, односно со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Еден од сведоците, младо момче кое во критичниот период било студент во прва година, пред Судот раскажа што се случувало во хаотичните моменти по избувнувањето на пожарот.
Тој сведочеше дека по излегувањето од објектот го пронашол својот другар Филип, кој имал повреда на коленото. Го однел во болница, а потоа повторно се вратил кон дискотеката.
Таму, според неговото сведочење, владеела огромна конфузија и имало голем број луѓе, од кои дел лежеле на земјата.
Подоцна пристигнале и пожарникари кои започнале со гаснењето на пожарот. Сведокот раскажа дека заедно со својот другар Бојан повторно влегле во дискотеката и во тоалетот го пронашле нивниот пријател Давид.
Откако успеале да го изнесат надвор, се обиделе да го внесат во автомобил.
Токму во тој момент, според сведокот, побарал помош од еден полициски службеник.
„Не знам кој беше полицаецот, го прашав да ми помогне да го качиме во автомобил, а тој ми кажа дека тоа не е негова работа“, сведочеше момчето.
Сведокот зборуваше и за полициското присуство во објектот. Тој рече дека кога повторно влегол во дискотеката, на влезот забележал полицаец, а неговите другари му кажале дека се врши некаква проверка.
На прашањето дали го видел истиот полицаец и внатре во објектот и дали бил во униформа, сведокот одговори дека не е целосно сигурен. Според него, најверојатно станувало збор за лице во цивилна облека.
„Кога влегов, моите другари ми рекоа дека има полицаец во цивилка и го погледнав“, изјави тој.
Тој додаде дека надвор од дискотеката имало и други полициски службеници и дека нивното присуство било забележливо на повеќе места, вклучително и кај кружниот тек подолу од „Пулс“.
Пред Судот сведочеше и студентка која била во дискотеката кобната ноќ на 16 март. Таа раскажа како го доживеала избувнувањето на пожарот и како успеала да излезе од објектот со помош на пожарникари.
Откако излегла надвор, започнала да го бара својот татко и гласно да го повикува.
Сведочеше дека во моментите на паника викала силно и хистерично, но тогаш, според нејзиниот исказ, едно униформирано лице ѝ се обратило со предупредување дека ќе биде приведена доколку продолжи да вика.
Одбраната, пак, на рочиштето оценила дека досегашните искази на сведоците предложени од Обвинителството не се доволно јасни и прецизни и дека, според нивната оценка, не ги потврдуваат наводите наведени во обвинението.
Судењето ќе продолжи на 13 октомври, кога треба да бидат сослушани нови сведоци.
Во предметот се обвинети Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томе Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлум Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Маријан Радевски.
Сите 13 полициски службеници повторно останале на ставот дека не се виновни за делата што им се ставаат на товар.
Тие се обвинети за тешки дела против општата сигурност поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“. Според обвинението, полицајците кои биле на должност биле ангажирани и во самиот објект, но не ја прекинале забавата и не спречиле користење пиротехнички средства.





