ПРВ.мк
Магазин

Не можете да заспиете на жештините? Познат невролог откри што треба да направите 30 минути пред спиење

Не можете да заспиете на жештините? Познат невролог откри што треба да направите 30 минути пред спиење

Тропските ноќи за многумина значат превртување во кревет, често будење и чувство на исцрпеност следното утро. Српскиот невролог проф. Никола Војводиќ објаснува дека високите температури навистина можат сериозно да го нарушат природниот механизам на спиење.

Еден од клучните сигнали што му кажуваат на организмот дека е време за сон е благото намалување на телесната температура. Токму затоа прегреаната спална соба може да го отежне заспивањето и да го наруши квалитетот на сонот.

Според Војводиќ, идеално е температурата во просторијата да биде околу 21 до 23 степени, а во текот на ноќта да се користи лесен покривач.

Но температурата не е единствениот проблем.

Неврологот советува најмалку 20 до 30 минути пред легнување да се тргнат мобилните телефони и другите екрани, бидејќи сината светлина го нарушува лачењето на мелатонин и му го отежнува на мозокот препознавањето дека дошло време за одмор.

Еден од неговите поинтересни совети е топол туш непосредно пред спиење. По излегувањето од бањата, воздухот во собата делува посвежо, температурата на кожата благо се намалува и организмот полесно преминува во состојба за спиење.

Ако не успеете да заспиете по 15 до 20 минути, советот е да не останувате во кревет нервозно обидувајќи се да заспиете. Подобро е кратко да станете, да прочитате нешто лесно или да слушате релаксирачка музика.

Војводиќ предупредува и дека само една непроспиена ноќ може да остави последици – благ пораст на крвниот притисок, забрзана работа на срцето, раздразливост и послабо паметење на новите информации.

Спиењето, нагласува тој, не е само одмор. Тоа е период во кој мозокот и целиот организам извршуваат важни процеси неопходни за нормално функционирање.