ПРВ.мк
Магазин

Војната стигна и до детските екрани: Украина воведе санкции против креаторите на „Маша и Медо“

Војната стигна и до детските екрани: Украина воведе санкции против креаторите на „Маша и Медо“

Украина воведе санкции против руското студио Animaccord, кое стои зад една од најпопуларните детски анимирани серии во светот – „Маша и мечката“. На листата се најдоа и основачот на студиото, како и сценаристот и режисерот на серијата.

Одлуката е донесена со декрет на украинскиот претседател Володимир Зеленски, а Киев тврди дека популарниот цртан филм не е само детска забава, туку и средство преку кое се шират проруски наративи.

Украинската министерка за култура Татјана Бережна соопшти дека санкциите создаваат правна основа за блокирање на содржините во Украина, но и за преземање чекори кон ограничување на нивната монетизација и дистрибуција преку меѓународните платформи.

Од кабинетот на Зеленски тврдат дека серијата шири проруски пораки „преправени како содржина за деца“.

„Маша и мечката“ е глобален феномен. Серијата се прикажува во голем број земји, а нејзините видеа на YouTube имаат милијарди прегледи. Особено интересно е што и покрај војната, цртаниот останал исклучително популарен и меѓу украинските деца.

Според објавените податоци, украинскиот YouTube канал на „Маша и мечката“ во август 2025 година бил најпопуларниот детски канал во Украина, а моментално има повеќе од 18 милиони претплатници.

Од Москва остро реагираа на одлуката. Кремљ ги отфрла обвинувањата дека серијата е средство за пропаганда, а портпаролот Дмитриј Песков порача дека цртаниот филм го освоил светот промовирајќи позитивни човечки вредности.

Украина и претходно реагираше поради „Маша и мечката“, а во јуни протестираше и поради одлуката на Netflix да ги откупи правата за прикажување на новите сезони.