ПРВ.мк
Магазин

Министерството за здравство со важна порака до мајките по повод Светската недела на доењето

Министерството за здравство со важна порака до мајките по повод Светската недела на доењето

По повод Светската недела на доењето, Министерството за здравство потсети дека мајчиното млеко е најприродниот и најбезбедниот начин на исхрана на новороденчињата и доенчињата.

Годинашното одбележување се одржува под мотото „Доење за одржлив почеток во животот – да го зајакнеме тоа што функционира“, со акцент на значењето на доењето за здравиот раст и развој на децата.

Од Министерството посочуваат дека мајчиното млеко ги содржи сите потребни хранливи материи за правилен развој, го зајакнува имунолошкиот систем и го намалува ризикот од бројни заболувања, при што придобивки имаат и мајката и детето.

Согласно препораките на Комитетот за доење, Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, се препорачува исклучиво доење во првите шест месеци од животот, а потоа продолжување со доење заедно со соодветна дополнителна исхрана до две години или подолго, во зависност од потребите на детето и желбата на мајката.

Министерството за здравство истакнува дека останува посветено на унапредување на политиките за поддршка на доењето преку јакнење на капацитетите на здравствените установи, едукација на здравствените работници и обезбедување континуирана поддршка за бремените жени, мајките и нивните семејства.

Воедно, Министерството упати повик до здравствените работници, институциите, работодавачите, семејствата и целата заедница активно да придонесат во создавање услови што ќе им овозможат на мајките успешно да дојат, оценувајќи дека тоа претставува важна инвестиција во здравјето на сегашните и идните генерации.