ПРВ.мк
Свет

Историска одлука во: Воениот рок станува задолжителен и за жените

Историска одлука во: Воениот рок станува задолжителен и за жените

Данска ќе го воведе задолжителниот воен рок и за жените, а новите правила ќе стапат во сила порано од првично планираното, потврди данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.

Со новите измени, жените ќе бидат опфатени со истиот систем како и мажите. Досега тие можеа да служат во армијата само на доброволна основа, додека мажите беа повикувани преку лотариски систем доколку немало доволно доброволци.

Министерот Поулсен изјави дека одлуката е донесена поради актуелната безбедносна состојба и потребата вооружените сили да обезбедат поголем број регрути.

Покрај проширувањето на обврската, се продолжува и времетраењето на воениот рок. Наместо досегашните четири месеци, новите регрути ќе служат 11 месеци.

„Ова е важен чекор кон целосна рамноправност меѓу жените и мажите“, изјави данскиот министер, пренесува „Дифенс пост“.

Лотарискиот систем ќе остане во употреба, но ќе се активира само доколку бројот на доброволно пријавени кандидати не биде доволен.

Во меѓувреме, Данска продолжува значително да ги зголемува инвестициите во одбраната. Владата претходно најави дополнителни 6,8 милијарди евра за периодот 2026–2027 година, откако веќе го зголеми воениот буџет за 5,4 милијарди евра.

Со оваа одлука, Данска им се приклучува на Норвешка и Шведска, кои веќе воведоа задолжителен воен рок и за жените.