Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, по координација со службата за Итна медицинска помош, донесе одлука во село Дреново да биде стационирано амбулантно возило со медицински тим, со цел навремена здравствена заштита на жителите додека трае справувањето со пожарот во атарот на село Раец.
Мерката е преземена поради густиот чад и силниот мирис што се шират од пожарот, а медицинскиот тим ќе биде на располагање за сите граѓани кои ќе почувствуваат здравствени тегоби или ќе имаат потреба од преглед.
Од Општина Кавадарци апелираат жителите да останат смирени, да ги следат препораките на надлежните служби и при појава на отежнато дишење, вртоглавица или други симптоми веднаш да побараат медицинска помош.
Во текот на ноќта продолжува интензивната борба со пожарот, при што сите расположливи служби остануваат на терен со цел локализирање на огнената линија и спречување на нејзиното понатамошно ширење.
Во акцијата се вклучени две цистерни на ЈП „Комуналец“, противпожарни екипи од Кавадарци и Неготино, механизација, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, месното население, како и амбулантно возило со доктор стационирано во Дреново.
Активностите ќе продолжат непрекинато до раните утрински часови, кога се очекува дополнителна поддршка од воздух. Од Општина Кавадарци упатија благодарност до сите институции, пожарникари, медицински екипи, доброволци и граѓани кои со максимална посветеност учествуваат во справувањето со пожарот и заштитата на луѓето и имотот.








