Трагичен настан се случи во кањонот Орлиас на планината Олимп во Грција, каде што животот го загуби 32-годишен маж за време на излет со пријатели.
Според грчките медиуми, мажот во неделата заедно со уште две лица се искачил до местото познато како „Црвена Карпа“, на околу 650 метри надморска височина. Таму скокнал во природен базен со многу студена вода.
Според првичните информации, веднаш по влегувањето во водата доживеал срцев застој, по што се удавил.
Неговите пријатели веднаш повикале помош на бројот 112, а на терен интервенирале 14 пожарникари. По околу два часа движење низ тежок и непристапен терен, тие успеале да го извлечат мажот.
Тој бил итно пренесен во Општата болница во Катерини, каде што лекарите само ја констатирале неговата смрт.
Грчките власти ги испитуваат сите околности на несреќата. Засега се претпоставува дека наглиот контакт со екстремно студената вода предизвикал срцев застој, но точната причина за смртта ќе биде утврдена по обдукцијата.






