ПРВ.мк
Свет

Хакерска група ја проби полициската база: Илјадници службеници изложени на ризик

Хакерска група ја проби полициската база: Илјадници службеници изложени на ризик

Околу 100.000 британски полициски службеници се погодени од голем сајбер-напад, откако нивните имиња и контакт-податоци се појавиле на дарк веб, објави британскиот весник „Тајмс“.

Според информациите, сајбер-криминалци успеале да ја компромитираат Националната правна полициска база на податоци (PNLD), систем што го користат полициските служби во Англија и Велс како правен ресурс при секојдневната работа.

Освен имињата и контактите, хакерите дошле и до информации за припадноста на полициските службеници, што дополнително ги зголемува безбедносните ризици за дел од нив, особено за оние кои работат на случаи поврзани со организиран криминал.

Според британските власти, зад нападот најверојатно стои сајбер-криминалната група ExfilSquad, која се поврзува и со серија други неодамнешни напади врз западни институции.

Овој инцидент следува само неколку дена по нападот врз британското Министерство за образование, при што беа компромитирани повеќе од 500.000 записи. Претходно беа погодени и системи поврзани со Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Националната агенција за криминал и Кралското обвинителство.

Еден од засегнатите полицајци изјавил за „Тајмс“ дека поради природата на неговата работа веќе морал да живее во безбедни куќи и да презема дополнителни мерки за лична заштита, а протекувањето на неговите податоци дополнително ја зголемува опасноста.

Според хакерската група, еднаш објавените податоци на дарк веб остануваат достапни на неодредено време. Истражителите сметаат дека нападот бил мотивиран од финансиска корист, а не од политички или идеолошки причини.