Поради растечката неизвесност на глобално ниво, особено поради случувањата на Блискиот Исток, властите во Хрватска испраќаат јасна порака до туристичкиот сектор – време е за прилагодување.
Министерот Tonči Glavina алармира дека оваа туристичка сезона нема да биде како претходните. Според него, за да се задржи интересот кај туристите, неопходно е намалување на цените – и тоа значително.
Препораката е јасна: попусти од 10 до 20 проценти, со цел да се остане конкурентен во време кога сè повеќе дестинации прават слични потези. Туристичкиот пазар веќе реагира на глобалните случувања, а патувањата стануваат почувствителни на кризи и трошоци.
Пораката не се однесува само на хотелите – туку на сите, од приватни изнајмувачи до ресторани и трговци. Очекувањата за профит, според министерот, мора да се намалат ако целта е да се привлечат гости.
Дополнително, се предупредува дека ова не е само прашање на една сезона. Она што ќе се случи ова лето може да има директно влијание и врз следната година, особено ако продолжи растот на цените и инфлацијата.
Државата, како што беше најавено, ќе следи што се случува и ќе реагира доколку ситуацијата се влоши.








