Од јули 2026 година во Европската Унија стапуваат на сила нови правила со кои се забранува употребата на бисфенол А (BPA) во амбалажата што доаѓа во контакт со храната. Станува збор за хемикалија која со години се користи во пластични производи и внатрешните облоги на конзерви и лименки.
Европските здравствени институции предупредуваат дека BPA може во мали количини да премине од амбалажата во храната и пијалаците. Според досегашните истражувања, оваа супстанца се поврзува со нарушувања на хормоналниот и имунолошкиот систем, како и со зголемен ризик од астма, дијабетес, дебелина, кардиоваскуларни заболувања и одредени видови карцином.
Забраната ќе важи за голем број производи, меѓу кои пластични садови, шишиња, кутии за храна и голем дел од амбалажата за прехранбени производи. Сепак, за некои видови конзервирана храна ќе има преоден период до 2028 година, додека производителите не преминат на побезбедни алтернативи.
Истражувањата покажуваат дека траги од бисфенол А се пронајдени кај огромен дел од населението, поради што Европската Унија значително ја намали дозволената дневна изложеност на оваа супстанца.
Експертите советуваат граѓаните, кога е можно, да користат стаклени или метални садови наместо пластични, да избегнуваат загревање храна во пластична амбалажа и почесто да избираат свежи производи наместо конзервирана храна.







