Кога температурите ќе достигнат екстремно високи вредности, повеќето луѓе инстинктивно посегнуваат по ладни пијалаци, клима-уред или студен туш. Но, во арапските земји, каде што летните температури често надминуваат 45 степени, со векови се практикува сосема поинаков пристап – консумирање топол чај, топли оброци и умерено зачинета храна.
Иако на прв поглед звучи нелогично, науката објаснува дека топлите пијалаци и храната го стимулираат организмот да се поти повеќе. Доколку потта може непречено да испарува, телото се разладува поефикасно. Овој ефект е особено изразен во сува клима, што го потврдуваат и истражувања на научници од Универзитетот во Отава.
Покрај тоа, експертите советуваат во текот на жештините да се избегнуваат многу солени и тешки протеински оброци, бидејќи тие ја зголемуваат телесната температура и придонесуваат за дехидратација. Наместо тоа, се препорачува внесување повеќе овошје, зеленчук и помали, полесни оброци распоредени во текот на денот.
Еден стар, но ефикасен трик е и поставување влажна завеса пред отворен прозорец или вентилатор. Воздухот што поминува низ влажната ткаенина се разладува, па просторијата станува попријатна без употреба на клима-уред. Во комбинација со добра хидратација и избегнување директно сонце во најтоплиот дел од денот, овие едноставни навики можат значително да помогнат полесно да се поднесат летните горештини.







