Православната црква денеска го одбележува споменот на Свети Григориј Богослов, архиепископ Цариградски и еден од најголемите христијански теолози. Познат по својата длабока мудрост и поучни слова, Свети Григориј оставил силни пораки за животот, љубовта и бракот, кои и денес звучат актуелно.
Во своето слово за бракот, тој го опишува како заедница на љубов, еднодушност и заемна сила, во која сопружниците не само што си помагаат еден на друг во секојдневието, туку заедно се приближуваат кон Бога.
„Сврзани со врските на бракот, ние взаемно си служиме еден на друг и со рацете, и со слухот, и со нозете. Бракот го прави и немоќниот двојно посилен… Заедничките грижи ги ублажуваат маките, а заедничките радости се уште попрекрасни.“
Свети Григориј нагласува дека еднодушноста меѓу сопружниците е поголемо богатство и од материјалната сигурност, а бракот го гледа како заштита на целомудрието и печат на искрената приврзаност.
Во неговите зборови, бракот не е пречка за духовниот живот, туку напротив – повик кон подлабока вера:
„Бракот не оддалечува од Бога, туку повеќе приврзува кон Него, бидејќи оној што се грижи за сопруга, деца и дом, има поголема потреба од Божја помош – и затоа повеќе Го љуби Бога.“
Тој остро предупредува дека животот без љубов е празен и суров, без утеха во староста и без радоста што ја носи заедницата со другите. Истовремено, Свети Григориј подвлекува дека и оние кои од духовни причини го избираат безбрачниот живот, не смеат да ја презираат сопружничката љубов, бидејќи таа е извор од кој произлегле многу светители, пророци и праведници.
„Добродетелните не се родени од земјата, туку се рожби и слава на бракот.“
Поуката на Свети Григориј Богослов останува јасна и денес: љубовта, кога е осветена со вера и еднодушност, го прави животот целосен и благословен.


















