Една од најавтентичните и највлијателни македонски музички групи – Љубојна, одбележува голем јубилеј: 25 години активно творештво на домашната и регионалната сцена. По тој повод, бендот ја започнува 2026 година со голем целовечерен концерт во Скопје, кој ќе биде вистинска прослава на нивниот препознатлив звук и музичка филозофија.
Јубилејниот концерт ќе се одржи на 29 март, со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Македонската филхармонија. Публиката ќе има можност да ужива во безвременската музика на Љубојна, претставена низ современ, моќен и емотивен сценски настап.
Љубојна одамна не е само бенд – таа е идеја и движење што успеа да оживее и модернизира музички мотиви кои беа на работ да бидат заборавени. Со уникатен спој на традиционално и современо, групата создаде звук што ги надминува жанровските рамки и граници, привлекувајќи публика од различни генерации.
Централни фигури на бендот се Вера Милошевска, со својата впечатлива вокална експресија, и Оливер Јосифовски – композитор, продуцент и контрабасист, кои заедно веќе четврт век го градат идентитетот на Љубојна. Нивната музика е енергична, експериментална и емоционално богата, инспирирана од фолк, џез, соул, фанк, ориентални и современи урбани звуци.
Концертот на 29 март ветува вечер исполнета со силни емоции, магична атмосфера и специјални гости, чии имиња допрва ќе бидат откриени. Влезниците се веќе во продажба преку МкТикетс.

















