Американски борбен авион е соборен над територијата на Иран, потврдија три американски извори за „СиЕнЕн“, потврдувајќи претходни информации од иранските државни медиуми.
Во моментов се спроведува спасувачка операција за пронаоѓање на екипажот. На социјалните мрежи се појавија видеа кои покажуваат воени авиони и хеликоптери во низок лет над провинцијата Хузестан.
Ова е прв случај американски авион да биде соборен над Иран од почетокот на војната. Претходно, три борбени авиони Ф-15 беа уништени од пријателски оган на кувајтската противвоздушна одбрана.
Инцидентот доаѓа во време кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тврдеше дека САД имаат воздушна надмоќ над Иран. Трамп порача дека американските авиони „слободно летаат над Техеран“ и дека „Иран не може да направи ништо во врска со тоа“.
Иранските медиуми објавија фотографии од остатоци за кои тврдат дека припаѓаат на американски Ф-35, но според видливите ознаки најверојатно станува збор за делови од авион Ф-15 на САД.










