За време на летните горештини, правилната исхрана може значително да му помогне на организмот полесно да се справи со високите температури, велат експертите.
Епидемиологот Тим Спектор, специјалист за здравје на цревата, објаснува дека состојбата на цревниот микробиом има важна улога во начинот на кој телото реагира на физички стрес, вклучувајќи ги и топлотните бранови.
Според него, дехидратацијата може да ја забави дигестијата, да предизвика надуеност, непријатност и чувство на замор, па затоа е важно покрај доволно течности да се внесуваат и намирници богати со вода.
Како најдобар избор ги издвојува лубеницата, краставиците, доматите, бобичестото овошје, цитрусите, зелената салата и останатиот лиснат зеленчук. Освен што придонесуваат за подобра хидратација, овие намирници обезбедуваат растителни влакна, витамини, минерали и полифеноли кои го поддржуваат здравјето на цревниот микробиом.
Спектор препорачува и редовно консумирање ферментирани производи, како јогурт со живи култури и кефир, кои придонесуваат за одржување на здрава цревна флора.
За појадок предлага јогурт или кефир со бобичесто овошје, јаткасти плодови и семки, или овесна каша со свежо овошје. Во текот на денот како ужина препорачува лубеница, краставици, домати и бобичесто овошје, а за ручек и вечера полесни оброци богати со зеленчук, мешунки, интегрални житарки и маслиново масло.
Слични препораки дава и гастроинтестиналниот хирург Антониос Атанасиу, кој советува во деновите со екстремно високи температури да се избегнуваат тешки и масни оброци, бидејќи потешко се варат и дополнително го оптоваруваат организмот.









