Netflix повторно тестира нови промени во начинот на користење на споделените сметки, а овојпат фокусот е ставен на индивидуалните профили. Според информации објавени од Android Authority, платформата постепено воведува можност секој профил во рамките на една сметка да биде поврзан со сопствена е-адреса.
Досега сите профили користеа една главна е-пошта и лозинка, а сопственикот на сметката беше единствениот кој добиваше кодови за верификација, известувања и можеше да го врати пристапот доколку има проблем. Со новата опција, секој корисник ќе може самостојно да прима безбедносни кодови и да управува со одредени поставки на својот профил.
Иако Netflix ја претставува оваа промена како дополнително олеснување за корисниците, дел од јавноста смета дека станува збор за уште еден чекор кон построга контрола на споделените сметки. Компанијата веќе во 2023 година воведе ограничувања за споделување лозинки и го имплементираше системот „Netflix Household“, со кој пристапот се ограничува на членови од истото домаќинство.
Корисниците на социјалните мрежи шпекулираат дека поврзувањето на секој профил со посебна е-пошта би можело во иднина да му овозможи на Netflix полесно да ги префрла профилите на индивидуални претплати или подобро да ги идентификува корисниците.
Во моментов функцијата се тестира само кај дел од корисниците и сè уште не е познато дали ќе стане задолжителна за сите претплатници ширум светот.







