Прераната смрт на 32-годишниот Душко Чифлиганец предизвика голема тага кај пријателите, семејството, деловните партнери и пошироката јавност. Бизнисменот трагично загина во сообраќајна несреќа во Брно, Чешка.
Многу јавни личности од Македонија и регионот на социјалните мрежи изразија сочувство и се збогуваа со младото момче, а меѓу нив е и Ева Заева, внука на поранешниот премиер Зоран Заев.
Иако Заева и Чифлиганец никогаш јавно не ја потврдија врската, нивните заеднички фотографии покажуваа блискост и приватен однос.

Душко беше дипломиран економист и потпретседател на „Адора Бизнис Групација“, семејна компанија основана од неговиот татко Ванчо Чифлиганец. Заедно со сестра му Драгана го водеше бизнисот, беше директор на „Адора Ливинг Солушнс“ и коосновач на „Адора Прајм Капитал“, првата македонска инвестициска консултантска компанија со акредитација од американската Комисија за хартии од вредност (SEC).
Покрај деловните успеси, Душко беше познат по својата хуманост, реализирајќи бројни акции преку „Адора“ и соработувајќи со Фондацијата на Новак Ѓоковиќ.
Душко Чифлиганец ќе остане запаметен како млад, амбициозен и посветен бизнисмен кој вложуваше во развојот на македонската економија и заедницата.