Македонските државјани се соочуваат со сè поголеми потешкотии при користењето на возачките дозволи во Италија, како за туристички, така и за постојан престој.
Според информациите, дел од туристите деновиве биле известени од рентакар-компании дека за изнајмување возило, покрај македонската, мора да поседуваат и меѓународна возачка дозвола. Дополнителен проблем претставува тоа што македонскиот образец не бил пронајден во каталогот што компаниите го користат за проверка на возачките документи.
Уште посериозна е ситуацијата за македонските државјани кои живеат во Италија. Во моментов тие не можат директно да ја заменат македонската возачка дозвола со италијанска, туку за добивање локална дозвола мора повторно да ја поминат целата постапка за полагање.
На интернет-страницата на македонското Министерство за внатрешни работи е наведено дека замената на дозволите издадени со називот „Република Северна Македонија“ во Италија во моментов не се спроведува.
Според достапните информации, застојот произлегува од потребата за ново усогласување на категориите и моделот на возачките дозволи меѓу двете држави. По завршувањето на оваа постапка треба да биде потпишан нов билатерален договор, со што повторно ќе се овозможи признавање и замена на македонските возачки дозволи.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека македонската страна веќе ги завршила потребните формалности и дека се очекува конечна одлука од италијанските институции.







