Во екот на летните горештини, клима уредите се неопходни во многу домови, но експертите велат дека голем број луѓе не ја користат една од најкорисните функции која може да помогне во намалување на потрошувачката на електрична енергија.
Станува збор за режимот „Dry“, односно функцијата за одвлажнување на воздухот. Наместо постојано да лади со максимален капацитет, овој режим ја намалува влажноста во просторијата, поради што воздухот станува попријатен, а температурата се чувствува пониска.
Според стручњаците, честата грешка што ја прават корисниците е поставувањето на климата на најниска можна температура, мислејќи дека така просторијата побрзо ќе се разлади. Во пракса, тоа само го оптоварува уредот и ја зголемува потрошувачката на струја.
Во режимот „Dry“, компресорот работи со помало оптоварување и повремено се исклучува, бидејќи неговата главна задача е да ја намали влагата во воздухот. Со тоа се елиминира чувството на спарина, а организмот полесно се разладува бидејќи потта побрзо испарува од кожата.
Експертите посочуваат дека температура од 24 до 26 степени може да биде сосема доволна за пријатен престој ако влажноста во просторијата е намалена. Дополнително, овој режим троши помалку електрична енергија во споредба со класичното ладење, иако заштедата зависи од моделот на климата и условите во кои работи.
Функцијата е особено корисна во спарни летни денови, како и навечер или за време на спиење, кога нема потреба од силно ладење, туку од одржување на пријатна температура и удобна атмосфера.









