Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денес пред македонската јавност го претстави визуелното решение за новата Универзална сала – објект кој ќе ја задржи својата препознатлива форма, но ќе добие современ дух и функционалност, со капацитет од 1.200 седишта, врвна акустика и најнова техничка опрема.

Проектот предвидува модерни материјали во ентериерот и екстериерот, енергетска ефикасност и атрактивно хортикултурно уредување, со што оваа култна локација повторно ќе стане центар на културните случувања во Скопје.

Изградбата, вредна 20 милиони евра, ќе се реализира по систем „клуч на рака“ и треба да заврши до крајот на 2027 година, за во 2028 новата Универзална сала гордо да ја дочека програмата „Скопје – Европска престолнина на културата“.

„Ова не е само објект, туку инвестиција во културата, во иднината на градот и во заедништвото на граѓаните“, истакна министерот Љутков, додавајќи дека новата Универзална сала ќе биде симбол на културна размена, креативност и достапност за сите.



