ПРВ.мк
Македонија

42-годишник уапсен за изнуда: Се заканувал со тепање и убиство за пари!

42-годишник уапсен за изнуда: Се заканувал со тепање и убиство за пари!

Основното јавно обвинителство Битола отвори истражна постапка против 42-годишник за продолжено кривично дело изнуда, согласно член 258 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Според истрагата, во периодот од август 2024 година до септември 2024 година и повторно од март до средината на септември 2025 година, осомничениот со сериозни закани се обидувал да прибави противправна имотна корист од еден оштетен. Тој му се заканувал дека ќе го нападне физички или ќе го убие доколку не му исплати пари.

Жртвата била првпат контактирана во август 2024 година, кога му дале парична донација за учество на спортски натпревар. По ова, осомничениот повторно побарал пари од оштетениот за наводен долг кон трето лице, без да наведе конкретен износ.

Кога оштетениот го одбил барањето, осомничениот почнал да испраќа серија пораки и закани преку СМС, гласовни пораки, социјални мрежи и преку познати лица. Под силни закани, оштетениот на крајот се исплашил за својата и безбедноста на семејството и пристанал да му даде пари, со услов да не бара повеќе. Тогаш осомничениот побарал 2.000 евра за наводно да ги однесе своите внуци на одмор.

По пријава од оштетениот, полицијата и Основното јавно обвинителство извршија контролирана испорака на парите, по што осомничениот беше лишен од слобода и парите пронајдени кај него.

Ова е прва оперативна акција на новоотворениот Истражен центар при Основното јавно обвинителство во Битола, во соработка со СВР Битола, кој започна со работа на 1 август годинава.

Јавниот обвинител денеска до судот поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Escape