ПРВ.мк
Свет

Генерација З руши режими: Од Непал до Шри Ланка – нова ера на младински бунт!

Генерација З руши режими: Од Непал до Шри Ланка – нова ера на младински бунт!

Улиците на Катманду, Непал, деновиве беа исполнети со чад, урнати згради и гневни млади лица. На ѕидот на парламентот, со црна боја беше испишано: „Од сега тука ќе биде само Генерација З. Корумпираните ќе бидат протерани.“

Протестите, кои започнаа поради забрана на социјалните мрежи, експлодираа во масовно младинско востание против политичката елита. По само 48 часа демонстрации, премиерот К.П. Шарма Оли поднесе оставка. Загинаа најмалку 51 лице, над 1.400 беа повредени.

Ова не е изолиран случај – се шири нова младинска револуција низ Азија, предводена од Генерација З – луѓе родени по 1997 година, поврзани преку интернет, но разочарани од своите влади.

Интернетот како оружје, TikTok како платформа за револуција

Социјалните мрежи играат клучна улога. Во Непал, пред забраната, TikTok и Instagram беа преплавени со видеа што го откриваат луксузниот живот на децата на политичари: скапи коли, патувања, брендови. Под хаштагови како #NepoBabies и #NepoKids, младите објавуваа гневни коментари и повикуваа на отпор.

Контрастот беше брутален – додека политичките елити живеат во изобилство, милиони млади се борат со сиромаштија, невработеност и недостаток на основна здравствена заштита. Смртта на 21-годишен доставувач, прегазен од полициско возило за време на протестите, стана симбол на револтот.

Истото сценарио и во други земји

  • Во Шри Ланка (2022), илјадници млади ја окупираа претседателската палата. Претседателот Готабаха Раџапакса избега.
  • Во Бангладеш, студентите издејствуваа пад на Шеик Хасина и формираа нова политичка партија.
  • Во Индонезија, скандал со платени станови за пратеници предизвика насилни немири и оставки.

Заедничко за сите: бунтот е против старата, корумпирана, нефункционална политичка класа.

Промена на парадигмата

„Младите не го почитуваат авторитетот поради возраста или титулата – тие бараат отчетност, резултати и правда“, вели Шафкат Мунир од Институтот за мир и безбедност во Бангладеш.

Во Непал, младите го избраа поранешниот судија Суашила Карки за лидер на преодната влада. Таа веднаш распушти парламент и распиша нови избори за март. Сцените на палење сега се заменети со обнова и организација.

Од улици до гласачки кутии

Азија влегува во нова ера – не по заслуга на политичките ветувања, туку поради притисокот од генерација која не верува во авторитети, туку во акција.

Како што изјави еден демонстрант во Катманду:

„Не очекувавме за два дена да срушиме цел режим. Но веќе не се плашиме. Ова е наша борба.“

Escape