Галичник денес повторно е центар на македонската традиција, исполнет со свадбарски песни, звукот на зурлите и тапаните и обичаи кои со векови се пренесуваат од генерација на генерација. На Петровден се одржува Галичката свадба 2026 – една од најзначајните и најпрепознатливи културни манифестации во Македонија.
Годинашни галички младенци се Александар Пендароски и Мартина Михајлова, а нивната свадба носи и посебна семејна симболика. Имено, токму пред 35 години, на првата современа Галичка свадба во 1991 година, се венчале родителите на Александар.
За младоженецот, ова не претставува само свадбена церемонија, туку и продолжување на семејната врска со Галичник и неговото богато културно наследство. Невестата Мартина, пак, учеството го опиша како голема чест, одговорност и привилегија да биде дел од традиција која опстојува низ вековите.
Вековни ритуали оживеаја низ улиците на Галичник
Во рамки на свадбената програма се изведуваат едни од највпечатливите галички обичаи, меѓу кои „канење на мртвите“, „канење на кумот“, бричење на зетот, гледање низ прстен, тргнување по невестата и традиционалното дарување.
Младенците ќе го кажат судбоносното „да“ во црквата „Св. Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со традиционалното испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Главните свадбарски обичаи започнаа уште во саботата со китење на ситото, замесување на сваќата, пречек на тапаните и поставување на свадбарскиот бајрак.
На платото пред чешмата „Упија“ беа изведени свекрвиното и невестинското оро, како и традиционалното „Тешкото“ во изведба на ансамблот „Танец“. Особено впечатлив момент е одењето на невестата по вода од трите галички чешми, придружувана од свадбарите.
Традиција што продолжува да се живее
Галичката свадба не е само приказ на минатото или културна реконструкција. Таа е еден од ретките обичаи кој и денес се одржува преку вистинска свадба, семејства, народни носии, музика и активно учество на целото село.
Токму во тоа се крие нејзината посебна вредност – културното наследство не останува само зачувано во музеите, туку продолжува да се живее преку песната, играта и заедништвото.
Годинашната манифестација започна на 10 јули со богата културно-забавна програма. Организатор е Месната заедница „Галичник“, покровител е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а поддршка обезбедуваат Министерството за култура и туризам.

Целата програма се пренесува преку видеоекран на централното плато, како и преку социјалните мрежи, овозможувајќи и на пошироката јавност да ја следи прославата.
За посетителите е воспоставен посебен сообраќаен режим, а организаторите апелираат на одговорно однесување, внимателно консумирање алкохол и зачувување на природата и чистотата на Галичник.









