Автопатот Кичево – Букојчани конечно добива динамика. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека овој месец или на почетокот на следниот ќе биде избран изведувачот, а доколку временските услови дозволат, работите ќе почнат веднаш.
Проектот, вреден околу 123 милиони евра, се реализира во соработка со Европската банка за обнова и развој, а 20% од средствата се грант. Николоски очекува изградбата да трае три години и да биде целосно готова до 2028 година.
– Првпат ќе видиме автопат што се гради истовремено од двете страни. До 2028 година Кичево ќе биде централна точка на автопатското поврзување на Коридор 8, што ќе овозможи побрза врска кон Србија, Албанија и Грција – изјави Николоски.
Тој додаде дека во март ќе се интензивираат градежните активности и на делницата Букојчани – Гостивар, каде досега се пробиени 17 од вкупно 33 километри.
До пролет, најави министерот, ќе бидат пуштени и тунелите на автопатот Кичево – Охрид, а останатите делови ќе се отвораат постепено.
– До крајот на 2028 година, Кичево ќе стане центар на автопатите од Коридорот 8 – порача Николоски.