Министерството за енергетика донесе нов правилник со кој за првпат во целост се воведуваат европските стандарди при одобрување на возила во Македонија. Со оваа промена, увозниците на автомобили ќе заштедат околу 1,3 милиони евра годишно, сума која досега одеше во странство за добивање TÜV потврди.
Што носи новиот правилник? Од 1 септември ќе почне примената на правилата кои се содржани во правилникот за возила, а со тоа – по цели 17 години – конечно целосно ќе се спроведува Законот за возила.
Досега увозниците беа принудени да плаќаат на странски компании за потврди за техничката исправност на возилата, но со новиот систем оваа постапка ќе ја вршат домашните овластени застапници, со што парите ќе остануваат во државата.
Како ќе функционира новиот систем? ➡ Одобрувањето на тип на возило ќе се врши според европскиот систем WVTA (Whole Vehicle Type Approval). Тоа значи дека ако едно возило е сертифицирано во било која земја од ЕУ, може без дополнителни тестови да се продава и во Македонија.
➡ Единечно одобрување ќе се применува само за возила за кои нема европско или македонско одобрение. Во тој случај, постапката ќе оди преку Биро за метрологија.
➡ Возила кои веќе имаат одобрен тип во ЕУ или РСМ нема да поминуваат повторни постапки, туку само идентификација и проверка на техничка состојба.
➡ Увозниците се должни да издаваат потврди за техничка исправност за возила со европско или национално одобрение, кои ќе чинат од 40 до 50 евра. За возила без такви одобренија, потврдите ќе ги издаваат независни институции прифатени од Бирото.
Побрза и поефикасна процедура Правилникот предвидува и скратени рокови за издавање одобренија во Бирото за метрологија, како и регулирани цени на услугите. Со ова се очекува значително олеснување на процесот и изградба на систем базиран на доверба меѓу државата и застапниците.
Што велат надлежните? Министерката за енергетика Сања Божиновска истакна дека новите правила претставуваат голем чекор напред кон усогласување со европските стандарди: „Градиме партнерски однос со импортерите како клучен елемент во целиот процес. Граѓаните треба да бидат сигурни и заштитени при секоја постапка за одобрување на возило.“
На средбата каде беа презентирани измените присуствуваа повеќе од 40 овластени застапници и увозници на возила, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, претставници од Бирото за метрологија и Царината, како и професорот Дарко Данев, кој детално ги образложи новите процедури.
Со оваа реформа Македонија не само што се приближува кон европските стандарди, туку и ја намалува зависноста од скапи странски институции – оставајќи милионски износи во домашната економија.