Македонската економија бележи сериозен раст – бруто домашниот производ во вториот квартал од годината (април–јуни) се зголеми за 3.4%. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека токму секторите градежништво, транспорт и складирање се главните двигатели на оваа позитивна статистика.
Според податоците, градежништвото во вториот квартал пораснало за 7.3%, што е уште поголем раст во споредба со првиот квартал (7.1%). Секторот транспорт и складирање, пак, бележи зголемување од 6.0%. Николоски истакна дека ваквите бројки јасно покажуваат дека инфраструктурата и транспортната мрежа ја движат економијата напред.
„Особено ми е драго што токму овие сектори растат силно, затоа што тие се темелот и двигателите на македонската економија“, нагласи министерот.
Тој додаде дека растот не е случаен, туку резултат на засилената изградба на патишта, новите инвестиции во железничкиот сообраќај, како и реализацијата на бројни локални проекти. Николоски уверува дека во третиот квартал растот ќе биде уште поизразен, благодарение на работниците кои вложуваат огромен труд во најразлични временски услови, но и поради јасните политики и стратегија на Владата и Министерството за транспорт.
Ова, според Николоски, е сигнал дека економијата влегува во позитивна фаза и дека инфраструктурните инвестиции ќе бидат клучниот мотор на развојот во наредниот период.